Пиреј
350 ден
Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и Коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.
Романот Пиреј е култна книга во македонската книжевност. Уште со неговата прва објава во 1980 година, критичарите во своите оценки го нарекоа роман-меѓник во македонската белетристика. И набргу стана една од најчитаните книги, безмалку прифатена како еден вид македонска библија во која, секој на свој начин, ја препознава колективната голгота од нашето историско паметење. Со својата едноставна раскажувачка рецепција и широкиот радиус на богато јазичко зрачење, со многуслојните содржини од човечки судбини и настани, Пиреј речиси веднаш и подеднакво им стана близок на сите. Незгаснатиот интерес на читателската публика за овој роман е показ за неговото неогранично време на траење.