Срцето на темнината; Тајфун
210 ден
Срцето на темнината и Тајфун се книги што се инспирирани од пловидбите на Џозеф Конрад по Кинеското Море и по реката Конго. И во двата случаja пловидбата самата по себе не е главна тема на новелите, туку само структурна рамка во која се одигруваат најразлични човечки судбини и се преплетуваат извонредно добро конструирани и најчесто спротивставени ликови.
Срцето на темнината е веројатно најпознатата, а според некои критичари и најдобрата новела на Конрад. Таа е пример за истовремено реалистичко и длабоко симболичко прозно остварување, крајно необично и иновативно за периодот во кој се појавува. Новелата може да се чита како живописен приказ на нараторот Марлоу за неговата авантуристичка пловидба по реката Конго во потрага по трговскиот посредник Курц, кој, иако e еден од најревносните прибирачи на слонова коска, ги прекинува контактите со главната трговска станица и мистериозно исчезнува во срцето на темнината. Ова е дело за темнината на човечкото срце, драма за бруталниот распад на основните хумани, културни и цивилизациски вредности. Конрад укажува на фактот дека и покрај општиот цивилизациски прогрес на човештвото, индивидуалната психа е сè уште подложна на крајно непредвидливи изблици на потиснатите анимални инстинкти…
Во Тајфун дејството е сместено во едно деноноќие во текот на кое бродот „Нан-Шан“, полн со необичен товар од кинески печалбари кои се враќаат дома, се соочува со страшно невреме во Кинеското Море. Тајфун може да се чита како „билдунгз-роман“ во неконвенционална смисла, односно новела низ која секој од ликовите соочени со пропаста успева да стигне до извесно ново, повисоко ниво на сознание и самосвест. Истовремено, Конрад во книгата ја разгледува една од клучните теми на неговото творештво – односот меѓу човекот и природата или, поточно речено, немоќта на човекот исправен пред страшната сила на природните елементи.