Ѕид што оди
210 ден
Романот Ѕид што оди, на истакнатиот современ поет, писател, публицист и преведувач Илхами Емин, е роман за човекот што ја бара онаа интегративна единствена духовна парадигма – розата што ќе ги обедини и на хармоничен начин ќе ги изрази сите благородни и возвишени трагања по највисоката вистина.
Во овој роман Илхами Емин продолжува да ја раскажува сагата за вечното барање на онаа највисока универзална вистина низ која се изразуваат и во која се помируваат сите парцијални вистини. Олицетворена во ликот на Јурук Осман, приказната тече низ еден исклучително силен автентичен говор, поправо, вистински порој што не запира ниту пресушува, како што навистина течат и нашите мисли – без точка! Оти точката е само интерпункциски знак со кој му даваме време на собеседникот да се соземе, да разбере што му зборуваме. Но кога сме сами со своите мисли, тогаш таа река не запира, а точката станува одвишна.
Со Ѕид што оди, Јурук Осман алиас Илхами Емин, се покажа како берач на смилот, симнат од својата планина, за да ни подари прекрасен букет од ова планинско цвеќе чијашто миризба никогаш не се губи! Ако сте се прашале дали душата има своја миризба, сега ќе дознаете: Јуручката душа мириса како планински смил. Исто толку долго и исто толку суптилно. Токму така мириса и овој роман.