Девојката се вцрви во лицето. Без да му одговори, таа веднаш се качи на сандакот, вртејќи му го грбот на патникот, пред тој да се качи во санката.
Набрзо, стигнаа во близина на убаво бојадисаните хотели, коишто се наоѓаа од двете страни на улицата на влезот во гратчето. Застанаа пред еден хотел. Подолу, на балустрадата, носачите – група млади момчиња стоеја, очигледно беше дека ја следеле свадбената поворка, а сега ги чекаа патниците од паробродот. Патникот се симна од санките, се упати накај хотелот, додека девојката веќе ги откопчуваше ремените со кои сандакот беше врзан за санките. Човекот се посомнева дека некој од момчињата ѝ беше понудил помош на девојката околу сандакот и погледна низ прозорецот, па виде како таа го оттурна крупното будалесто момче со кусо палто. Можеше да се забележи дека на ова му претходело некакво безобразие од страна на носачите, па таа бесно им одговараше со истиот безобразен тон, додека тие гласно се смееја. Девојката влезе во хотелот, влечејќи го тешкиот сандак. Патникот од кочијата ѝ ја отвори вратата, а таа му се насмевна. Додека тој ѝ ги броеше парите, ѝ рече:
“Се согласувам со тебе Рунауг, треба да заминеш за Америка што е можно поскоро.“
Потоа ѝ даде уште два долари како бакшиш.
“Ова е мојот прилог за твојата заштеда.“, додаде човекот со сериозен тон.
Му се заблагодари со широко отворени очи и уста, ги зема парите, па со двете раце се обиде да си ја по- прави косата, која повторно ѝ беше паднала преку очите. Додека беше зафатена со поправањето на косата, испушти неколку од паричките што ги држеше во полузатворената рака. Подзастана и се наведна да ги собере, но почна да се навалува нанапред, бидејќи големиот јазол на нејзината марама ја влечеше надолу, а беше очигледно дека во него има нешто тешко. Додека си ја поправаше облеката, повторно ѝ паднаа паричките на улицата, што беше проследено со салва грубости од групата носачи на улицата, но овојпат таа не им возврати ниту збор. Ја сврте санката и фрли срамежлив поглед накај хотелот додека поминуваше покрај него, па го потера коњот во кас.