Ми се слоши; првин помислив дека е така поради трескањето на возилото или од глетката на оние силни црвени џемпери, меѓутоа, во следниот миг веќе точно се сетив на сонот в зори, до најситните детали. Седев во колиба на кревет направен од штици, го набљудував потпукнувањето на цепаниците во ќумбето, гледав низ прозорецот како се разденува и чекав да почне работното време. Тогаш во соседниот канал почнаа да се будат крволочните кучиња. ‘Ржејќи ја копаа земјата, грабаа изглодани коски, ги глодаа сосема исушени пршлени барајќи ги остатоците срж, исто како и секоја зора. Облеков сукнен капут, зедов долг стап со кука и отидов зад колибата до бунарот со трупови да го земам нивното дневно следување. Тоа беше мојата работа: двапати дневно да ги нахранам кучињата и никогаш да не прашувам кои се мртвите. Вистина е, немаше кого да прашам. Еднаш неделно, и тоа секогаш ноќе, бунарот го полнеа со трупови. Додека се разбудев, мртвите жени и деца веќе беа таму. Всушност, сите трупови беа преубави, единствено нивната неподвижност и сладникавиот мирис откриваа дека навистина се мртви. И да, таму долу со мирна душа можев да фатам со стапот кој било од нив, можев да им ја наместам куката околу вратот, а потоа, земајќи ги во раце како заспана љубовница или болно дете, преку чистинката да ги пренесам до каналот со гладните кучиња. На растојанието на околу сто чекори можев колку што сакам да им се восхитувам на нивната убавина и студената неподвижност. Знаев дека додека чекорам по патеката можам да мислам и чувствувам што ќе посакам. Во тоа никој не можеше да се меша, никакви прописи не можат да влијаат на мене. Имаше такви што без ниту еден збор ќе ги премесев од бунарот до каналот, но имаше и такви со кои зборував, на пример, за шумата, за тоа дека поради мовта стеблата изгледаат како да се мувлосани и им кажував дека за разлика од другите шуми оваа нашава нема ко- рења. – Погледнете – ѝ реков на една старица и со ногата ги растурив сувите листови. Погледнете, тоа се само шти- ци така што не мора да се плашите. Секако, знаев дека не се плаши оти беше мртва. Дека ѝ е сеедно. Дека спокојно можам да ја фрлам на кучињата, но вака беше сепак пои- наку отколку држејќи ја за нозе да ја одвлечам до каналот. Неколку пати пробав и така, но не ми се допадна. А сега играв валцер со едно девојче в раце, бидејќи претпоставу- вав дека би сакала да танцува. Со зрно од боровинка ѝ ги заруменив усните, нејзиното тело од едвај осум години беше полесно од нарамник суви лисја, а кога се вртевме ветрот ѝ ја замота косата околу моето лице. Еден-два-три, еден-два-три, играјќи валцер стигнавме до крволочните кучиња, но цело време знаев дека ми е должност, дека на работ од каналот и неа ќе мора да ја спуштам од два метра височина. Да, дури ни со неа не смеам да направам ис- клучок. Само што пред да ја фрлам на кучињата со остри заби, ги отвори очите и ме праша – кога веќе умеам толку добро да танцувам, зошто ја работам оваа работа. Јас ѝ одговорив дека не умеам ништо подобро, а од нешто мора да се живее. Не сум способен за ништо друго, затоа и ме ставија во одделот за хранење кучиња, реков, а потоа во ритамот на валцерот ја пуштив нејзината половина, но таа не се струполи меѓу кучињата, туку лебдеше како пердув, а во меѓувреме се смееше, и кучињата веќе ја расчеречу- ваа, низ шумата уште одѕвонуваше нејзината смеа. Тогаш одеднаш почувствував дека ќе полудам. – Пуштете ја! – им викав на кучињата и ги гаѓав со дрва и камења. – Уште е жива! – врескав. – Од оваа сите ќе пцовисате! – се дерев, но тие и понатаму ја кинеа, девојката се смееше, а од неј- зината крв згниената шума се исполни со мирис на нане. – Ти, ороспијо низаедна! – врескав. – Нема да направиш убиец од мене! – пиштев, потоа почнав да бегам меѓу др- вјата, иако знаев дека тоа нема никаква смисла и веќе од устата ми избиваше тиња.