ТОЧНО ИЗЛОЖУВАЊЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ВЕРА
599 ден
КЛИКНИ-ЧИТАЈ (првите страници од книгата)
За внатрешното слово и за словото што се изговара
Словесниот дел на душата се дели на внатрешно слово и на слово што се изговара. Внатрешното слово е движење на душата што се одвива во областа на разумот, но без какво и да е изговарање; оттука, многупати, макар и молчејќи, во себе реализираме целосен разговор, а во соништата водиме дијалози; имено, затоа сите ние и сме словесни суштества. Зашто, ниту оние што од раѓање се неми, како ни оние што поради некаква болест или несреќа ја изгубиле способноста за зборување, не се ништо помалку словесни. Уснениот збор, од друга страна, своето дејство го има во моќта на говорот и во усното изговарање, односно, тоа е збор што го произнесуваме со јазик и со уста, поради што и се нарекува уснен збор; тој е гласноговорник на умот. По него и се нарекуваме глаголиви битија.
За создавањето
Добриот и предобриот Бог не се ограничил со самосозерцание, туку – поради Својата неизмерна добрина благоволил да се појави нешто што би ја примило Неговата благодат и со што би ја споделил Својата добрина – на сите нешта им го дал постоењето од непостоење – и на видливото и на невидливото, како и на човекот кој е составен од она што е видливо и од она што е невидливо…